Двајца членови на Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ од Струмица постигнаа значаен подвиг како дел од македонската експедиција на Андите во Чиле. Вчера, шестмина од седумчлениот македонски тим успешно го искачија врвот на вулканот Сан Франциско, висок 6018 метри надморска височина, кој се издига над живописното солено езеро Laguna Verde во пустината Атакама.
Експедицијата започнала со искачување од 4900 метри надморска височина, а напорното седумчасовно искачување било дополнително отежнато од неповолни временски услови. Сепак, истрајноста, добрата подготовка и тимскиот дух придонесле успешното освојување на врвот да стане реалност.
Меѓу шестмината алпинисти што го покориле врвот се и струмичаните Благој Ѓузелов и Никола Матушко – активни членови на ПK „Ентузијаст“, кои со овој подвиг уште еднаш го потврдија својот висок капацитет и посветеност во високогорското планинарење.
Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ изрази голема гордост за успехот на своите членови и честитки до целиот македонски тим за успешно реализираната висинска авантура во една од најсуровите, но и највпечатливи планински области на светот.





























