Во салата на Советот на Општина Струмица денеска се одржа јавен информативен настан посветен на можностите за финансиска поддршка на домаќинствата за зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на воздухот. Настанот привлече бројни заинтересирани граѓани, во салата немаше слободни места ниту за стоење.
На информативната средба беа презентирани можностите за добивање финансиска поддршка за набавка на клима инвертори со висока ефикасност, топлински пумпи, изработка на енергетски ефикасни фасади, како и за опрема и технологии кои штедат енергија и го намалуваат трошокот за греење и ладење.
Граѓаните кои ќе аплицираат на претстојниот јавен повик и ќе ги исполнат условите, ќе можат да добијат грант до 30 проценти од вкупната вредност на инвестицијата. Средствата се обезбедени преку Фондот за зелено финансирање (GFF), поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
На настанот беа дадени детални информации за постапката за аплицирање преку партнерските финансиски институции, одобрените технологии, процесот на верификација и исплата на грантовите, како и за придобивките за семејниот буџет и животната средина.
Целта на ваквите активности е поттикнување на енергетската ефикасност, подобрување на условите за живеење и намалување на загадувањето на воздухот, како во домовите, така и во локалната заедница, кажа градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков кој го организираше овој информативен настан за граѓаните.





























