Културно-уметничкото друштво „Браќа Минкови“ од Куклиш, кое повеќе од 50 години го негува македонското фолклорно творештво, на 13 декември (сабота) од 18:00 часот во Спортската сала во Куклиш ќе го одржи традиционалниот Годишен концерт.
Повеќе од 60 играорци од различни возрасни групи активно се подготвуваат за настапот, на кој ќе бидат изведени познати македонски ора и песни. На сцената ќе настапат и 40-тина гости играорци од збратименото КУД „Марија Бурсач“ од Банатско Велико село, Кикинда, Србија, кои ќе ја збогатат вечерта со дел од својот фолклорен репертоар.
„Нашата мисија е да ја чуваме традицијата и да ја пренесуваме на најмладите генерации. Годишниот концерт е празник за нашето село и за сите кои го носат фолклорот во срцето“ – ни кажа Васе Ценев од КУД „Браќа Минкови“, најавувајќи го годинешниот концерт.
Организаторите ветуваат богато фолклорно уживање за публиката што ќе дојде и вистинска прослава на традицијата, која повеќе од пет децении се негува и пренесува во Куклиш.
Сабота, 13 декември | 18:00 часот | Спортска сала – Куклиш






























