Собранието попладнево, во рамки на 144-та седница, по итна постапка ги донесе законските измени со кои, наместо 12 февруари 2024 година, крајниот рок за замена на возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ ќе биде 31 декември 2024 година.
Законските измени се на предлог на Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а беа поддржани од сите пратеници присутни во салата.
Доцна попладнето претседателот Стево Пендаровски веднаш го потпиша указот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се пролонгира важењето на возачките дозволи со старото уставно име, до 31 декември 2024 година. Од неговиот Кабинет соопштуваат дека претседателот Пендаровски ја поздравува одлуката на пратениците кои денеска ги ставија интересите на граѓаните над дневната политика и донесоа решение за возачките дозволи.