Во чест на фудбалската легенда Благој Истатов и годинава по трет пат се одржа настанот „Трчаме со Николчо“ во организација на Велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица.
Главниот актер во подвигот наречен дуатлон на долги патеки беше ултрамаратонецот Николчо Ѓоргиев кој од Струмица преку Радовиш, Неготино, Гевгелија, Удово, Валандово, па се до Дојран трчаше и возеше велосипед. Станува збор за делница долга 190 километри.
Николчо сам ги претрча првите 10 километри и со својот велосипед ја извози делницата од 150 километри постојано придружуван од возилото на ВК „Актив“, а на последните 30 километри трчајќи во придружба на велосипедисти стигна до крајната дестинација, хотелот „Истатов“ во Дојран, каде тој и сите учесници беа пречекани од семејството на Благој Истатов.
„Со овој веќе традиционален настан „Трчаме со Николчо“ сакаме да искажаме една благодарност за придонесот во фудбалот на голманската легенда на Македонија – Благој Истатов, чие дело сега активно го продолжува неговата фамилија со нивниот директен ангажман во фудбалот и спортот во целина, а со овој настан сакаме да го прикажеме и тимскиот дух на ВК „Актив“, кој секогаш со големо залагање го поддржува својот член, ултрамаратонецот Николчо Ѓоргиев“, велат организаторите.