Минатата недела во Средното општинско училиште „Јане Сандански“ – Струмица се одржа завршен настан за Еразмус+ проектот HiClass во кој „Јане Сандански“ учествува со образовни установи и компании од земји-членки на Европската унија. Проектот службено насловен „Хибриден и иновативен дигитално свесен клас“ е од категоријата партнерство за подготвеност за дигитално образование, а периодот на реализација трае две години, од 16 мај 2021 година до 15 мај годинава. Според податоците достапни на веб-сајтот на Еразмус+, грантот за овој проект изнесува 205.797 евра.
На завршниот настан кој се одржа во средата на 26 април, а на кој беа презентирани резултати од проектот, присуствуваа и наставници од други основни и средни општински училишта.
„Нашите наставници, кои веќе ги применуваат овие методи, заедно со учениците им демонстрираа часови со хибридна дебата, учење базирано на проекти и изработка на когнитивни мапи. Благодариме на присуството на колегите и се надаваме дека ќе најдат инспирација за новитети, бидејќи старите наставни методи не одговараат на денешниот профил на учениците“, подвлекуваат од училиштето.
Покрај СОУ „Јане Сандански“ – Струмица од Македонија, во партнерството насловено HiClass учествуваат установи за средно образование од Италија, Португалија и Романија и две компании од Полска и Шпанија чија експертиза се обуки за информатичка технологија и развој на прилагодени дигитални решенија за наставници и ученици.
Целите на ова Еразмус+ партнерство се да го направи процесот на настава и учење поефективен во контекст на мешана и хибридна настава и да ја зајакне клучната компетентност на учениците во развојот на методологија за автономно стекнување знаења преку употреба на дигитални технолошки алатки за пристап до пространството информации на интернетот.
Еразмус+ е програма на Европската унија за поддршка на образованието, обуката, младината и спортот во Европа. Проценетиот буџет на програмата за периодот 2021–2027 година е 26,2 милијарди евра.