Утре, (сабота, 7 октомври) со почеток во 19:00 часот, во Амфитеатарот во Струмица ќе се одбележи Денот на хип-хоп културата.
Настанот ќе започне со промоција на дискографијата на Дивизија, овојпат сите 5 проекти на 4 аудио касети. Честа да го отвори настанот ќе ја има DJ Popeye. Настап ќе имаат и One Way Dance Studio.
Директно од Струмица, македонскиот подкаст посветен на хип-хопот Pandamonium ќе има специјална епизода во живо, посветена на 50-годишното хип-хоп творештво.
Публиката ќе има можност да ужива во beat session на Даре ДТ и Миро Грчев од колективот Соулментал.
Дел од настанот е и сегментот „open mic“ – отворен микрофон, кој ќе даде да се слушнат нови гласови на македонскиот рап.
Инаку, ова е првото одбележување на Денот на хип-хоп културата во Струмица. Овој ден беше прогласен минатата година од градоначалникот Костадин Костадинов. Прогласувањето следеше по концерната промоција на соло албумот „Light“ на македонскиот рап артист од Струмица, Драги Андонов – Кискин.
Од организацијата на Денот на хип-хоп културата потенцираат дека на 7 октомври во 2017 година во Струмица се одржа епизода на Рап Скилз Македонија.