Од денеска Струмица е домаќин на 5-та Регионална Конференција „LabQuality Струмица 2023“ во организација на Здружението на медицински лаборанти Клинички центар – Скопје на која освен од Македонија свое учество ќе земат и лекари од Србија и Босна и Херцеговина.
Освен стручни предавања на еминентни професори – лекари на повеќе теми, ќе се одржи и работилница – Медицински лаборант, како и Панел трибина која е дел од акцискиот план на Министерството за здравство на Република Северна Македонија за спроведување национална стратегија за спечување на зависности од дроги и употреба на психоактивни супстанци.
Од името на градоначалникот Костадин Костадинов, учесниците на Конференцијата чија цел е професионална едукација за зголемување на знаењата, вештините и квалитетот во лабораториската медицина ги поздрави Танкица Митрева, член на Советот на општина Струмица.
„Искрено се надевам дека од овој тридневен стручно-едукативен собир сите вие ќе излезете задоволни и побогати со нови сознанија, кои без сомение ќе ви бидат од драгоцена помош во вашето професионално секојдневие. Притоа, убедена сум дека семинарот ќе значи „скалило погоре“ во илустрацијата на значењето на рационалната лабораториска дијагностика како и на квалитетот на лабораториската медицина, како значаен сегмент во унапредувањето на нашето јавно здравје“, кажа Митрева.