СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица беше домаќин на 53-от Државен тракторски натпревар на средните стручни земјоделски училишта од Македонија. Учествуваа екипи од десет средни училишта, кои освен во возење трактор, ги покажаа своите вештини и знаења и во други земјоделски активности. Домаќините се покажаа како најдобри освојувајќи шест златни медали.
Во дисциплината вешто возење со трактор првото место го освоија Стоја Ѓеоргиева и Ѓорги Василев од „Димитар Влахов“, под менторство на професорот Ванчо Танев. Прво место освои и Миле Џопковски во дисциплината органско производство, каде презентираше техники на органско засадување на пиперки, под менторство на професорката Мими Дончева.
Златен медал на Државниот натпревар освои и Ивана Јованова во дисциплината размножување на растенијата под менторство на професораката Љубица Тошева, додека Антонио Атанасовски ученик од четврта година, под менторство на професорката Роза Делева, беше најдобар во заштита на растенијата. Тој успеа да ја препознае болеста кај доматите и да понуди соодветно решение за заштита.
Златен медал и за Матеа Брнзевска во дисциплината ветеринарна медицина, под менторство на професор Валентина Дончева.
Пред почетокот на натпреварувањето на свеченоста пред училиштето 53-от Државен тракторски натпревар го отвори градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
„Драги ученици учесници во натпреварот, со нетрпение очекуваме да ве видиме во презентирањето на вашите вештини во дисциплините вешто возење во машка и женска категорија, заштита на растенија, размножување на растенија, одгледување на растенија по пат на органско производство и техники по ветеринарна медицина. Интересни и корисни дисциплини кои имаат широки можности за докажување на стекнатите знаења, умеења и вештини, откривање на нови таленти, јакнење на натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Но и дисциплини коишто ќе бидат корисни во вашата професија со која ќе се занимавате по завршувањето на образованието. На земјоделството како важна гранка и стратешки интерес и на општината и државата, му се потребни млади образовани луѓе подготвени за изучување и користење на современи техники и технологии за квалитетно производство барано на домашниот и странските пазари“, им кажа градоначалникот Костадинов.
Натпреварот секоја година им нуди можност на средношколците да ги истакнат натпреварувачкиот дух, желбата за знаење, мотивацијата за учење и желбата за победа.