Центарот за НАСА спејс апс челинџ во Струмица ќе служи како место за споделување информации за сите заинтересирани за овој хакатон-натпревар поддржан од американската вселенска агенција.
Веќе десет години на меѓународно ниво се организира хакатонот НАСА спејс апс челинџ. Тоа е натпревар поддржан од американската НАСА, во кој учесниците бараат решенија за проблемите на Земјата и во вселената, користејќи ги слободните податоци на агенцијата.
Просториите на некогашниот Младински совет во Струмица се пренаменети во центар за овој хакатон. Центарот ќе го предводи Зорица Масникоса Поп-Трајкова, професор по физика во СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, која учествуваше на хакатонот во Скопје во 2021 година, а минатата година беше главен организатор на првиот ваков натпревар во Струмица.
Дводневниот хакатон се одржува секоја година во октомври, а учесниците, поделени во тимови, доаѓаат од различни позадини – програмирање, наука, дизајн, раскажување, технологија. По завршувањето на хакатонот, проектите на тимовите ги оценуваат експерти на НАСА, а најдобрите десет од целиот свет се избрани за Глобалната награда. Целта на овој натпревар е да инспирира соработка, креативност и критичко размислување меѓу учесниците и да ги поттикне идните генерации научници, технолози, дизајнери, раскажувачи, инженери.
На отворањето на центарот присуствуваа дел од организаторите на хакатонот од Македонија – Мартина Димоска, долгогодишна учесничка и организаторка, и Боби Софронијоски, Стефани Христов и Горазд Христов, нејзини колеги во организацискиот тим на хакатоните во Маунтин Вју, Калифорнија и Кливленд, Охајо, како и претставникот на Општина Струмица Надица Патрикова, членовите на организацискиот тим на хакатонот во Струмица Костадинка Тушева, Елена Депинова, Љубица Гошева и Елена Трајкова и директорката на СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, Јасминка Цамбулева.
Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица своето прво учество на натпреварот го заокружи со освојување на третото место на хакатонот во Скопје во 2021 година, а минатата година во Струмица беше домаќин на првиот ваков натпревар во Македонија што се одржа надвор од главниот град. Дел од учесниците и организаторите на првиот хакатон во Струмица, меѓу кои и победниците од СОУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, во ноември 2022 година, еден месец по натпреварот, беа примени од претседателот на државата Стево Пендаровски, кога организаторите истакнаа дека ваквиот натпревар е можност за поттикнување на учениците да истражуваат и да работат на иновативни решенија.