Општина Струмица отвори Центар за дневен престој на лица со попреченост со вклучен индивидуален третман и услуга на простор од 300м² во зградата на поранешното училиште „Јахја Кемал“ во Струмица.
Обезбеден е бесплатен дневен престој за 24 деца со попреченост и бесплатна услуга индивидуален третман од специјален едукатор и рехабилитатор и логопед за уште 20 деца на возраст од 3 до 14 години.
„Граѓаните бараат, а ние реализираме. Аплициравме и добивме грант од Светска банка, а во проектот учествуваме со 5,6 милиони денари. Добивањето на овој проект и грант за општина Струмица не значи само развивање нови социјални услуги и нови инклузивни можности во заедницата на децата со попреченост, туку и социјална инклузија и општествена и егзистенцијална сигурност на семејствата на децата со попреченост кои ќе можат да бидат вработливи и општествено активни“ – кажа градоначалникот Костадин Костадинов.
Според Спасе Додевски, координаторот за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Центарот е отворен според потребите на граѓаните и нуди дополнителна услуга за децата кои тука ќе можат да престојуваат пред или по наставата и ќе добиваат повеќе видови терапија. Престојот на децата е целосно бесплатен, односно по завршувањето на проектот финансирањето на Центарот ќе биде обезбедено од Министерството за труд и социјална политика и Општина Струмица.