Под мотото „Различно Исти“ пред Центарот за култура во Струмица со Музички хепенинг беше одбележан светскиот Ден на лицата со Даун синдром. Пред платото на домот полно дечиња, а нивни другарчиња играа и пееја во чест на децата со Даунов синдром. Забавата ја организираше Здружението за помош и поддршка на лицата со Даун синдром „Вера“ од Струмица, кое во изминатите 20-тина дена ја реализираше и кампањата „Различно Исти“, во која познати личности, ученици од основните и средните училишта, спортски клубови, пријатели преку видео пораки дадоа поддршка на лицата со Даун синдром.
„Веќе 14 години го одбележуваме денот на лицата со Даунов синдром со една јасна порака дека тие се тука и ние како општество треба да ги прифатиме, иако сите сме различни, сепак сме исти“ – кажа Анче Туфекчиева, претседател на Здружението „Вера“.
Меѓу гостите на денешниот хепенинг беа градоначалникот Костадин Костадинов со членови на Советот на општина Струмица.
„Денешниот настан и сите вклучени во него нека бидат инспирација за сите нас. Да ја подигнеме јавната свест и да дадеме поддршка на лицата со Даунов синдром. Со фер третман и со еднакви можности како и за сите други, да работиме заедно со лицата со Даунов синдром, за да ги охрабриме и поддржиме со дела во подобрувањето на животот“ – кажа во своето поздравно обраќање градоначалникот Костадин Костадинов.