Денеска во Скопје се одржа Завршна конференција на проектот „Со локални совети за превенција кон подобрена соработка“ во организација на Евротинк – Центарот за европски стратегии, на која се говореше за значењето на локалните совети за превенција (ЛСП) како механизми за решавање на локалните предизвици во општините.
Проектот „Со локални совети за превенција кон подобрена соработка“ се реализирал во периодот од септември 2022 година до октомври 2023 година и опфатил соработка со три општини: Струмица, Гостивар и Кисела Вода, во рамки на која се имплементирале активности за развој и зајакнување на локалните совети за превенција.
Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов имаше свое обраќање за работата на Локалниот совет за превенција на општина Струмица во кое потенцираше дека ставањето во функција на Локалниот совет за превенција било најдоброто нешто што можел да го направи за Струмица и струмичани.
„Исклучително сум горд што сум градоначалник на општина чиј Локален совет за превенција стана препознатлива алатка во решавањето и превенирањето на проблемите на граѓаните во локалната заедница, не само во државата, туку и надвор од неа. Токму, успешното функционирање на Локалниот совет за превенција ни го обезбеди и членството во Мрежата на силни градови со што им се придруживме на повеќе од 210 градови и општини ширум светот. Со преземањето на градоначалничката функција си ветив себеси и на моите струмичани дека ќе им служам, а тоа значи дека нема да ги одложувам и игнорирам проблемите со коишто се соочуваат, туку ќе ги решавам, заедно со советниците, општинската администрација и јавните претпријатија. Но, се покажа дека е потребна соработка и со државните институции за да се добијат соодветни и ефикасни решенија на проблемите кои со години не можеа да се решат“ – кажа во своето обраќање градоначалникот Костадинов.
На настанот се дискутираше за меѓуинституционалната соработка во правец на ефективни локални совети за превенција и потенцијалните форми на таа соработка, како и за потребата од воведувањето законска обврска за ЛСП со цел да се гарантира соработка на централно и на локално ниво.