Струмичката Православна Епархија во сабота на 26 април 2025 година од храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица организира Свечена литија со иконата на Пресвета Богородица Брзопослушничка.
По завршувањето на Светата Божествена Литургија, свештената поворка со иконата на Брзопослушница ќе тргне во 10:00 часот од храмот движејќи се по улиците „5 Ноември“ долж до црквата „Св. Кирил и Методиј”, а после по улицата „Стив Наумов” и „Герас Цунев” до плоштадот „Гоце Делчев“.
Тука ќе биде отслужен Молебен на Пресветата Богородица, по што поворката ќе тргне по булеварот „Маршал Тито“, па се до црквата „Св. Димитриј и Св.Григориј Палама“.
Историјата на иконата е поврзана сo светогорскиот манастир – Дохијар, во кој првпат била пројавена благодатната сила на оваа чудотворна икона. Се претпоставува дека иконата била насликана во 10 век, за време на игуменот на Дохијарската обител, преподобен Неофит.
Копии од оваа чудотворна икона се наоѓаат во многу православни земји, од кои им се излева благодатна сила на сите што прибегнуваат со вера и скрушено срце кон нив.
Прва икона на оригиналот од чудотворната икона се наоѓа во метохот на Дохијарската обител, во с. Сохос, Грција. Втората се наоѓа во светиот град Ерусалим, во Спасо-вознесенската обител на Елеонската Гора. Третата се наоѓа во црквата „Свети вмч. Пантелејмон“ во Николајскиот двор, во Китај-город, Русија. Четвртата се наоѓа во манастирот „Свети Архангел Михаил“ на Зверинце во Киев. Петтата икона се наоѓа во црквата „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица, Македонија.