Во пресрет на 11 декември, денот на Светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици, заштитници на Струмица, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица организираше научен собир насловен „Епиманонда Поп Андонов и македонското народноослободително и антифашистичко движење за време на Втората светска војна (1941–1945)“, што се одржа на 6 и 7 декември во Струмица. Ова е четврт научен собир во чест на Светите Петнаесет што го организира Завод и музеј – Струмица, а годинава е во чест и на два јубилеи, 70 години Завод и музеј – Струмица (1952–2022) и 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев (1872–2022).
По свеченото отворање на научниот собир беше промовиран и зборникот на трудови „70 години Завод и музеј – Струмица (1952–2022)“, во кој се објавени петнаесет научни трудови.
Свои излагања на научниот собир имаа петнаесеттина автори од повеќе институции. Рефератите се однесуваа на периодот на Втората светска војна, на тогашните прилики, со осврт на македонската народноослободителна борба и антифашистичкото движење во Македонија и нивниот удел во темелите на македонската држава, како и на теми поврзани со културните прилики во Македонија.