Во Општина Босилово вчера беше претставен проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, кој го реализира Македонски Каритас со поддршка од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас.
На средбата претставниците на Македонски Каритас ги презентираа главните активности предвидени со проектот, како и можностите што ги нуди за локалните заедници, особено во делот на подобрување на пристапот до чиста вода и унапредување на санитарните услови.
Во рамки на презентацијата беше истакната важноста од продлабочување на соработката меѓу општините и институциите, како и потребата од зајакнување на подготвеноста за справување со сè почестите предизвици поврзани со климатските промени.
Посебен акцент беше ставен на активното учество на жените во процесите на донесување одлуки и реализација на локални зелени иницијативи, кои имаат за цел да придонесат за поголема отпорност и одржлив развој на заедниците.
Учесниците на средбата ја изразија својата подготвеност за продолжување на соработката и за заедничко дејствување во рамки на проектот, со цел унапредување на условите за живот и подобра заштита од климатските ризици во регионот.




























