Денеска во Македонија по осми пат се одржуваат „Локални избори 2025“. Право на глас имаат 1.832.415 граѓани на територијата на цела држава. Во општините од струмичкиот регион, право на глас имаат 84.548 граѓани.
Во општина Струмица, на 83 избирачки места право на глас имаат 50.253 граѓани, од кои 514 се пријавени како болни и изнемоштени лица и своето право на глас го остварија вчера.
Во општина Василево во избирачкиот список се запишани 11.019 граѓани, распоредени на 19 избирачки места, од нив 162 болни и изнемоштени лица.
Во општина Босилово бројот на запишани граѓани со право на глас е 12.220, од нив 232 болни и изнемоштени лица, а ќе имаат можност да гласат на 19 избирачки места во општината.
Во општина Ново Село, 11.056 граѓани имаат право на глас на 20 избирачки места. 400 граѓани се пријавени како болни, кои вчера гласаа во здравствена установа каде се лекуваат или во домот.
Во општина Василево граѓаните ќе имаат можност да избират меѓу двајца кандидати за градоначалник на својата општина и за четири кандидатски листи за членови на Советот на општина Василево. Во општина Босилово исто така за двајца кандидати за градоначалник и за четири кандидатски листи за членови на Советот на општина Босилово, а меѓу двајца кандидати за градоначалник ќе избираат и граѓаните на општина Ново Село, како и за членови на Советот од четири кандидатски листи, додека во општина Струмица ќе се гласа за четворица кандидати за градоначалник и за седум кандидатски листи за членови на Советот на општината. Избирачот добива две гласачки ливчиња, за избор на градоначалник и за избор на членови на Совет.
Гласањето денеска се спроведува од 07:00 до 19:00 часот. Секој граѓани на гласачкото место со себе треба да носи документ за идентификација, лична карта или патна исправа (пасош).