Антонио Милошоски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно е и потпретседател на македонското Собрание, од доцна попладнето е во Струмица на средби со членството од неговата партија и жители на Струмица.
Вели дека тука се за да се сретнат со повеќе граѓани во повеќе населби за да можат да слушнат различни проекти и идеи во пресрет на Локалните избори.
„Гледаме дека има голема заинтересираност во рамките на ВМРО-ДПМНЕ за Локалните избори, но исто така нашето чуство е дека има и атмосфера во општината за промена на локалната власт и за доаѓање на чело на Струмица на поодговорни луѓе кои ќе можат да работат во интерес на сите граѓани“ – кажа Милошоски.
Во врска со нивниот кандидат за градоначалник на Струмица, Милошоски вели дека имаат шест заинтересирани кандидати, се прават последните анализи и анкети за сите нив и веќе во наредната недела ќе решат кој официјално ќе биде кандидат за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски претходно заедно со пратениците Ели Панова и Жан Дрвошанов беше во посета на Завод и Музеј Струмица. Директорот Бранко Ѓоргиев ги запозна со тековните проекти на установата, предизвиците со кои се соочува во заштитата на богатото културно-историско наследство, како и идните планови за унапредување на музејската дејност.