Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица синоќа во Спортската сала „Парк“ пред голем број граѓани го промовираше кандидатот за градоначалник на општина Струмица, Петар Јанков и кандидатите за членови на Советот на општина Струмица предводени од д-р Никола Маџунков.
Во преполната спортска сала „Парк“ во Струмица, кандидатот за градоначалник на општина Струмица, Петар Јанков порача дека е време за нова визија и обединета Струмица, која ќе биде заедничко семејство и дом за сите граѓани, без поделби и политички интереси. Тој нагласи дека Струмица треба да му припаѓа на народот, а не на политичарите, повикувајќи на сплотеност, одговорност и чесна работа во интерес на сите струмичани.
Како што истакна, оваа промоција претставува почеток на едно големо движење, кое ќе донесе промени, надеж и победа за секој струмичанец. Јанков додаде дека преку јасна програма, визија и силен тим, ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди реални решенија за подобар живот во општината.
Носителот на кандидатската листа за членови на Советот на општина Струмица, д-р Никола Маџунков кажа дека е време да се врати достоинството на Струмица, да докажеме дека ова е град на народот, а не на привилегираните.
„Овие избори се нови почетоци за кратки политики и вистински реформи. На овие избори народот ќе биде силата што ја менува реалноста. Време е за промени, јас верувам во силата на сите нас, во нашата заедничка можност да создадеме промени. Имаме иден градоначалник, Петар Јанков човек кој е спремен да ја води Струмица во нова ера на функционалност, дигитилизација и современост“ – кажа д-р Никола Маџунков.
Говорејќи за кандидатот за градоначалник, Петар Јанков, д-р Маџунков кажа дека тој е човек со визија, визија за развој, за реализација на иновативни и модерни решенија.
„Со своето искуство и знаење, тој ќе се погрижи нашата Струмица биде пример за успешна општина. Верувам, со Петар Јанков Струмица не само што ќе биде современа, чист град, туку и место кадешто сите ние ќе можеме да бидеме горди на тоа што сме. Тој е човек кој има храброст да направи промена и да ја води Струмица да биде место за живеење за сите нас, без поделби на наши и ваши, да биде градоначалник за сите нас“ – кажа д-р Маџунков, кој на овој промотивен настан го претстави и својот тим од кандидати за членови на Советот на општина Струмица.
На овој свечен настан на промовирање на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник и членови на Советот на општина Струмица, свое обраќање имаа и потпретседателот на партијата, Александар Николовски и членот на Извршниот комитет, Антонио Молошоски.