Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица реагираат на денешната посета на претседателот на СДСМ, Венко Филипче на Струмица кој присуствуваше на поставувањето камен темелник на нов Градски пазар и заедно со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов го најавија започнувањето на неговата изградба.
„Последната година од мандатот на градоначалникот Костадин Костадинов значи 20 години по ред локална власт на СДС во Струмица, сега предводена од Венко Филипче. Денеска во Струмица, Филипче и Костадинов без срам свечено објавуваат почеток на работни активности за изградба на нов пазар.
Струмица која порано беше на далеку препознатлива по својот пазар, Струмица која на далеку беше прочуена по своите земјоделски производи, Струмица која беше почитувана поради вредниот земјоделец, денеска нема причина за ваква партиска парада на која изведувачот се воведува во работна активност за изградба на пазар.
СДС откако доби црвен картон од граѓаните на последните избори панично се обидува да ја зачува положбата во Струмица. Во онаа Струмица во која пазарот го изгуби сјајот, во кој земјоделските производи се прескапи, во Струмица од која секојдневно се иселуваат најмногу земјоделците. Политиката на СДС за земјоделците во Македонија значеше трајно уништување на оваа стопанска гранка значајна за нашиот регион.
Филипче пред да се слика на празни површини со празна реторика истрошени политичари со стари ветувања, потребно е да одговори пред струмичани: Дали партијата СДС ќе се извини за катастрофалната политика што ја водеше во тек на два мандати во Македонија и во две децении континуирано запуштање и осиромашување на Струмица“ – напишаа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица.