Членот на Советот на општина Струмица од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ристов на прес конференција и денеска го обвини градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов за проблемот со водата за пиење, која веќе цела недела е забранета за консумирање и предлага да се свика „сериозен кризен штаб“ на кој за проблемот ќе бидат известени сите државни и општински институции.
Интегрален текст од прес конференцијата:
„Почитувани сограѓани,
Владата на Република Македонија, преку министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски се понуди за решавање на проблемот со водата за пиење во Струмица, иако истиот е во единствена надлежност на Костадин Костадинов.
Градоначалникот Костадинов преку Општина Струмица и „Комуналец“ Струмица по Законот за локална самоуправа, Законот за води и сите законски прописи во државата е единствено одговорен за обезбедување вода за пиење во општина Струмица и единствен виновник за проблемот.
Но, од почетокот на проблемот, својата неспособност Костадинов за решение на проблемот ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ. Со ваков крајно несериозен пристап Костадинов ги остава граѓаните на Струмица без вода за пиење и води кон еколошка катастрофа.
Наместо да го преспијат и овој викенд им предлагаме да свикат сериозен кризен штаб на кој за проблемот ќе ги известат сите институции и општински и државни кој би можеле со својот капацитет да бидат од помош, а помош треба да побараат и од Владата на Република Македонија. На овој состанок да се разменат информации и да се донесат конретни заклучоци и мерки за побрзо решавање на проблемот. Истите тие мерки финансиски да бидат планирани и да се направи ребаланс на буџетот на Општина Струмица за да може да се реализираат.
Почитувани сограѓани,
Општинскиот комитет и денеска обезбеди донации на 35.000 шишиња вода за пиење кои ги дистрибуираме до домовите на граѓаните. Досега со нашите заложби обезбедивме околу 75.000 шишиња вода за пиење, а ќе продолжиме и понатаму“ – кажа Ристов.