Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција соопшти дека во државата се прогласува 30-дневна кризна состојба поради ситуацијата со пожарите во државата.
Одлуката, како што образложи Митева ја донела Владата по денешните состаноци и поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, посочи Митева.
Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја заради спречување поголеми последици. „Државата ќе биде таму каде што е најпотребно“, додаде таа.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на забраните поради пожарите.