Општинската организација на Сојузот на борците и граѓани поддржувачи од Струмица денеска пред Споменикот на Револуцијата во големиот градски парк симболично, со полагање свежо цвеќе го одбележаа 29-ти Ноември, Денот на Републиката на некогашната СФР Југославија.
Денот на Републиката шест децении беше еден од најголемите празници во СФРЈ. Празникот се одбележуваше со неработни денови, свечености, училишни приредби, отворање на нови фабрики, капитални објекти, патишта…
29 Ноември ја одбележуваше годишнината од Второто заседание на АВНОЈ во 1943 година, кога во Јајце беше донесена одлуката за федерално уредување на државата, а денот остана во историјата како датум на создавањето на новата Југославија.
На состанокот во Јајце беше одлучено дека „Југославија ќе се изгради во демократска, федерална заедница на рамноправни народи“, а на кралската влада во егзил ѝ беше забрането да се врати во земјата.
Овој празник остана официјален во Сојузна Република Југославија сè до Ноември 2002 година, кога беше укинат и таму.
Првачињата на тој ден стануваа Титови пионери. Во училиштата полагаа заклетва со задолжителни приредби и читање состави на темата „Зошто го сакам другарот Тито“, а неретко децата во тие состави пишуваа дека го сакаат повеќе од мама и тато, без идеја зошто е тоа така. Секој пионер добиваше сина капа (титовка), црвена марама и црвена пионерска книшка.
Свечената пионерска заклетва беше:
„Денес, кога станувам пионер,
давам чесен пионерски збор
дека вредно ќе учам и работам
и ќе бидам верен и добар другар.
Дека ќе ја сакам нашата самоуправна татковина
Социјалистичка Федеративна Република Југославија,
дека ќе ги развивам братството и единството
и идеите за кои се бореше Тито.
Дека ќе ги почитувам сите луѓе на светот
што сакаат слобода и мир“…