По повод празникот Рождество Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, упати божиќна честитка до верниците, повикувајќи на вера, љубов и духовно обновување.
Во своето обраќање, бискупот Стојанов потсети на суштината на Божик преку евангелските зборови: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Иван 1,14), нагласувајќи дека Божјото Слово доаѓа меѓу луѓето во облик на човек – како дете родено од жена.
Тој истакна дека Синот Божји, иако дојден во сиромаштија и положен во јасли, е вистински Бог и вистински човек, неразделно обединет во една божествена личност, што претставува темел на христијанската вера. Без таа вера, посочи тој, Божик би се свел на обичен сезонски празник, лишен од својата духовна длабочина.
„Синот Божји доаѓа кај нас со празни раце, но ни се дава Себеси – највисокото и најважното што можел да ни го даде. Во Него е содржано сè што ни е потребно, зашто во Него Бог живее во сета своја полнота“, порача бискупот Стојанов, додавајќи дека Христос е светлината што ја растерува темнината, мирот што го надминува секој немир, вистината што ослободува и лебот на животот.
Во обраќањето беше нагласено и дека Христос, кој подоцна ќе го даде својот живот како откуп за мнозина, е воскресението и животот, а преку Него на луѓето им е даруван живот во изобилство. „Тој е повеќе од целата среќа на светот, зашто Тој е Љубовта која нè прави благословени“, истакна бискупот.
На крајот од својата честитка, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, на сите им посака среќен Божиќ и благословена Нова година, со традиционалниот поздрав: „Христос се роди“.




























