Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) му наложија спроведување нови мерки на јавното комунално претпријатие „Комуналец” од Струмица како резултат на спроведениот вонреден инспекциски надзор во акумулацијата Турија, која во овој временски период е со енормно намалена количина вода, а од каде се обезбедува питка вода за граѓаните на Струмица. Направен е увид и на Филтер станицата и интерната лабораторија при што е утврдено дека струмичкото јавно претпријатие во моментов ги презема потребните мерки за намалување на нивото на манган во водата, чие ниво се уште е високо.
„Со надзорот е констатирано дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа, повеќе години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако согласно член 24 од Правилникот за барања на безбедност и квалитет на вода за пиење, јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, а за време на елементарни непогоди и зачестено. Утврдено е дека во моментов целиот систем е контаминиран, заради што е наредено да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно вршење на лабораториски анализи по спроведувањето на мерките“, наведува АХВ.