Талентираниот вокал од Струмица, Анастасија Цамбулева е победник на возобновениот Фестивал за млади музички таленти „Смотра – Златен глас 2025“, кој се одржа синоќа во селото Сушица, општина Ново Село.
Стручното жири составено од познатите имиња на македонската естрада: Александра Јанева, Андријана Јаневска и Спасен Силјановски втората награда им ја поделија на Сергеј Попоски од Прилеп и Мартина Митева од Струмица, додека третата на Душко Никовски и Марија Панчурева од Струмица и Онур Пашаага од Гостивар.
Младост, убавина, моќни гласови, пеење во живо во придружба на познатиот струмички бенд „Легато“, многу народ кој уживаше во прекрасните интерпретации на овие млади таленти, а на сцена запеа и членот на жирито Спасен Силјановски, кој ја разигра публиката.
Овој фестивал има историја од неколку децении. Успеал да им овозможи на некои наши уметници да ги направат своите први чекори. Меѓу нив е и позната музичка фолк ѕвезда Сузана Гавазова, која преку видео бим синоќа им се обрати на публиката од Истанбул, Турција, каде во моментот има концертни настапи.
Советот на општина Ново Село и градоначалникот Ѓорѓи Божинов пред присутните изразија задоволство од можноста младите во земјава да добијат силен мотив и поддршка од граѓаните за да бидат водени во животот од творечка, креативна енергија и талент.