Во родната Струмица денеска беше одбележан 69-от роденден на загинатиот претседател Борис Трајковски. Споменикот „Македонија“ поставен во струмичкиот парк во чест на Трајковски беше местото кое го посетија голем број струмичани, положија свежо цвеќе и се потсетија за животот и делото на претседателот, но и нивниот роднина, пријател и сограѓанин.
За претседателот Борис Трајковски говореше Ице Беличев, член на Советот на општина Струмица.
„Борис Трајковски остана запаметен по многу нешта, но пред се како втор Претседател на Република Македонија. Детенцето од моноспитовските сокачиња, момчето од струмичките улици, ученикот во струмичката гимназија, студентот на правниот факултет, верникот, политичарот и човекот, измина можеби кус но многу содржаен животен пат, за да се вивне во височините на македонскиот опстој и да стане и остане бесмртен и по неговата прерана смрт“ – кажа Беличев.
На свеченоста, ЛУ библиотека „Благој јанков Мучето“ од Струмица ги додели наградите за најдобрите творби по распишаниот литературен конкурс посветен на претседателот Борис Трајковски. На конкурсот пристигнале вкупно 34 творби, од кои жири комисијата ги одбра најдобрите.
Кај возрасните првото место го освои Чедомир Б. Шопиќ од Скопје, второто Сања Гавровска од Босилово, додека третонаградена беше Марија Брндевска од Струмица. Во категоријата средношколци, првото место и припадна на Мила Николовска, ученичка во I година во СОУ „Јане Сандански“ Струмица, второто на Елена Николова III година при СОУУД „Димитар Влахов“ Струмица, а третото место го поделија Софија Стојанова I година во СОУ „Јане Сандански“ и Софија Трнковска од истото училиште. Кај основците првото место и припадна на Наталија Диманоска, VIII одделение во ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола, второто на Снежана Назова, VIII одделение во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Иловица.
Пред споменикот на претседателот Борис Трајковски цвеќе положија членови на семејството Трајковски, претставници на локалната самоуправа, политички партии и претставници на институции и здруженија.
ФОТОГАЛЕРИЈА