„Sunday vibes“ се вика деби албумот на македонскиот кантавтор и мултиинструменталист од Струмица, Иван Кукиќ што позната дискографска куќа од Хрватска „Croatia Records“ го издаде и веќе го пушти во продажба.
Албумот „Sunday vibes“ содржи десет мелодии од кои две веќе се објавени и со видео спот – „Балада о една љубов“ и „Друмови“.
На поголемиот дел од песните на албумот Иван се јавува како автор, а негови гости како композитори и изведувачи на песните се појавуваат и познати естрадни имиња од регионот: „Pružam ruke dve“ со Дадо Топиќ, насловната „Sunday vibes” со Влатко Стефановски, „Life of Jupiter“ со познатиот бенд на неговите родители „Јупитер“, „Music philosophy“ со Теодосии Спасов, „Zrno nade“ со Сакис Доволис и интересниот сингл „Balkan funk“ создаден со Џамбо Агушев и синот на Влатко, Јан Стефановски.
Иван дипломираше музичка продукција и дизајн на звук во Белград и свири на дури 6 инструменти: гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, а компонира, аранжира и пее. Иако е многу млад, но голем музичар, веќе свирел низ поранешните ЈУ простори со познати музички бендови и музичари, а е дел од триото на Влатко Стефановски со кое има многу концерти низ тие поранешни ЈУ републики.