Популарното струмичко трио Ana and The Girls го направи својот прв значаен чекор на музичката сцена со објавувањето на дебитантската песна „Ники мој“, која заедно со видео спот беше промовирана попладнево на нивниот YouTube канал.
Музиката и текстот се дело на Григор Копров, аранжманот е на Рубин Димковски, додека видео продукцијата ја потпишува Столе Ангелов од Stellar Studio.
„Изминавме цел ролеркостер на емоции додека ова дело да го добие својот конечен облик, надевајќи се дека ќе живее долго меѓу вас слушателите“, порачуваат девојките, изразувајќи задоволство од финалниот резултат и реакциите од публиката.
Во видео спотот, покрај членовите на триото, како актери се појавуваат и Михаил Велков, Ивана Чонева, Никола Назов, Анастасија Цамбулева, Лилјана Кочева, Саве Ичкова, Елена Николова, Лаура Андреева, Мирче Ташев, Кирил Стојчевски, Томе Ников, Александар Манавски, Тиме Бонев и Борис Алексов.
Со „Ники мој“, Ana and The Girls официјално го започнуваат својот авторски музички пат, најавувајќи нови проекти и активности во периодот што следува.




























