„360 степени“ објави дека жртвата во денешното убиство кај Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје е лицето Васил Е. роден 1965 година во Струмица, а долги години со семејството живеел и работел во Скопје.
Иако истрагата во почетната фаза имаше индиции дека можеби станува збор за облик на изнуда, досега собраните докази упатуваат на тоа дека сторителите го следеле Васил Е., за да го ограбат. Причина за тоа е заедничкиот бизнис што Васил го имал со неговата сопруга, поврзан со изработка и продажба на накит. Дуќанот е во трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.
Конкретна цел на сторителите бил накитот што Васил го превезувал во неговиот автомобил. Откако го пресретнале на паркинг-просторот близу „Мавровка“, го отвориле багажникот на возилото и го земале накитот. На реакцијата на Васил одговориле со пукање. Во телото на Васил завршил еден истрел и тоа, најверојатно, од зад грб. Тој бил фатален за него. Дали напаѓачите имале погрешна проценка за вредноста на накитот, натценувајќи го, дополнително ќе се утврдува, пишува „360 степени“.
Извор: „360 степени“