Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков ја именува Васка Кирова за вршител на должноста директор на Локалната установа Библиотека „Благој Јанков Мучето“. Со ова решение, Кирова ја презема организациската и програмската раководна улога во една од најзначајните културни институции во градот. Кирова доаѓа на местото на досегашниот директор Денис Мустафов.
Васка Кирова е дипломиран професор по македонски јазик и литература и лектор, со долгогодишно професионално искуство во библиотекарството. Во Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ работеше како библиотекар во одделот за возрасни читатели, активно вклучена во програмските активности, издавачката дејност и работењето со корисници. Таа е автор и коавтор на стручни трудови од областа на библиотекарството и современите предизвици во дигиталната ера, а како лектор учествуваше во повеќе изданија на установата.
Пред да стане дел од библиотеката, Кирова работеше како новинар во некогашната Радио Телевизија Струмица, каде стекна значајно медиумско и комуникациско искуство, кое подоцна го насочи во развојот на културната и образовната дејност.
Со именувањето на новата директорка, библиотеката продолжува со процесот на модернизација, унапредување на услугите и збогатување на програмските содржини за читателите од сите возрасни групи.




























