Одложениот натпревар од Третата кошаркарска македонска лига помеѓу КК „Баскет Дино“ од Кочани и КК „Струмица Ролинг“, кој требаше да се одржи на 16 март во Кочани, а поради трагедијата беше одложен, се одржа синоќа во Спортската сала „Парк“ во Струмица.
Во еден тежок натпревар полн со емоции, сé уште со тага по изгубените млади луѓе, екипата КК „Струмица Ролинг“ победи со 82:54 над екипата „Баскет Дино“ од Кочани. Но победата не беше толку важна за домаќините, туку солидарноста на струмичани кои дојдоа на овој натпревар во голем број и донираа за семејствата на загинатите и повредените во големиот пожар во Кочани. Се собраа 125.000 денари од купените влезници за натпреварот. Парите ќе бидат уплатени на солидарната сметка на Црвен Крст наменета за помош на настраданите во Кочани.