недела, 1 јуни 2025
almak
No Result
View All Result
Radio StrumicaNet
No Result
View All Result
Home Вести

121 година од загинувањето на македонскиот револуционер Коста Мазнејков

сабота, 11 мај, 2024 | 06:15
in Вести, Струмица
121 година од загинувањето на македонскиот револуционер Коста Мазнејков

Во реонот на радовишките села Дедино и Ињево, во мај 1903 година избива тешка битка меѓу турски аскер и чета на Внатрешната македонска револуционерна организација. Четата била предадена од нејзиниот јатак, а во битката загинале речиси сите дваесеттина комити. Наоѓајќи се во безизлезна ситуација, војводата на четата, струмичанецот Коста Мазнејков, го искористил својот последен куршум за себе за да не падне во рацете на непријателот. Даскало, како што бил познат Мазнејков, по неколкугодишно бродење по македонските планини, го положил својот живот за слободата на Македонија. Два месеци по неговата и смртта на неговите четници избувнало Илинденското востание, еден од најзначајните настани во македонската историја.

Коста е дел од генерациите кои во времето на османлиското владение граделе интелигенција која го предводела македонскиот народ во борбата за слобода на татковината и ја создале внатрешната револуционерна организација како сила која самостојноста ја ставала пред сѐ во таа борба. Тој е врсник на најсветлиот вожд на македонското дело Гоце Делчев. Роден е во 1872 година во Струмица, во семејството на Ѓорѓи Мазнејков. Семејството потекнува од мегленскиот крај во беломорска Македонија, од каде што се иселува во Тиквешијата, а оттаму седумте браќа на Ѓорѓи се раселуваат во разни краишта, а некои и надвор од Македонија. Тој дошол во Струмица. Мазнејковци живееле во Чифлик маало, нивната куќа се наоѓала спроти Јурчи бунар.

Како и многумина истакнати дејци на организацијата, Мазнејков бил високо образован човек за тоа време. Првичното образование го стекнал во родната Струмица. Откако завршил педагошко училиште во Скопје се вратил во родниот крај и работел како селски учител, поради што бил познат како Даскало или Даскалчето. Просветните работници биле легални дејци на организацијата и како такви биле значаен стожер во нејзиното членство. Тие, како чисти пред властите, тајно ги помагале другите дејци на секој возможен начин. Во таа смисла, според неговите внуки Маргарита Кирчанова-Мазнејкова и Марија Мазнејкова, Коста зел учество во акцијата предводена од Делчев за пленување на василевскиот Наз’л’м бег во 1897 година, настан на кој му е посветен споменик во градскиот парк во Струмица. Не се малку случаите на учители кои по некоја случка со властите или пак со некој Турчин станувале нелегални, приклучувајќи се во милитантните редови на организацијата.

Убиството на бег-насилник во Ангелци

Кај потомците на Мазнејков се пренесува историјата за клучен настан од неговиот живот, кога тој му се спротивставил на еден бег-насилник во струмичкото село Ангелци. Коста како учител, значаен човек во општеството, бил гостин на една од беговските седенки во ова село. Девојката која послужувала била ќерка на пријател на Мазнејков и кога подобро погледнала и го препознала Коста ѝ затреперила раката и ѝ паднал филџанот кафе. Таа подоцна била камшикувана од беговите слуги, а самиот Коста, откако качен на коњ го посведочил насилството над девојката, извадил револвер и три пати пукал во срцето на бегот. Според она што се пренесува кај потомците на Мазнејков, Коста уште пред овој настан имал за намера да го ликвидира овој бег.

По неколку минути, бегот починал, а Турците тргнале да го гонат даскалот. Коста се упатил кон радовишкото село Ињево, реон кој во текот на неговото нелегално дејствување му служи како база. Поради овој настан братот на Коста бил осуден на 101 година затвор и лежел во солунскиот затвор Еди Куле. Во тоа време таткото веќе бил починат, а мајката останала без двајцата синови – едниот во затвор, а другиот со пушка по шумите.

Даскалот војвода

Историските извори раскажуваат подетално за дејноста на Мазнејков како нелегален деец на организацијата. За него се говори во спомените на неколкумина негови современици. Кукушанецот Христо Куслев раскажува дека додека во учебната 1900–1901 година учителствувал во малешевското село Цапарево, во овој реон наречен Каршијак дошла четата на Иван Савов чиј секретар бил Коста Мазнејков. Оваа чета во наредниот период ги обиколувала селата во реонот и ја заживеала мрежата на организацијата, формирајќи раководни тела и собирајќи членски вносови и доброволна помош, а можела да се движи слободно затоа што во овој планински предел немало турско население.

Поголемиот дел од своето нелегално дејствување Мазнејков го поминал во радовишкиот крај, каде што бил назначен за војвода на чета. Овде претежно дејствувал во реонот на селата Дедино и Ињево. Овде, во селото Конче, според Маргарита Кирчанова-Мазнејкова и Марија Мазнејкова, имало ковница која војводата Мазнејков ја користел за да ја снабдува организацијата. Во овој период Мазнејков соработувал и со Делчев кој во повеќе наврати доаѓал во овој крај по организациони работи.

Интересно е дека во четата на Мазнејков учествувале и жени-учителки. Тоа биле Зујца Кукутанова, Елена Пиперковска Христова од Радовиш и други. Европски весници пишувале за храброста на овие жени.

Од 1903 година се зачувани и две фотографии на Коста Мазнејков. На едната направена во фотографското студио на Димитар Попов во Јамбол на 27 јануари 1903 година, Мазнејков е сликан во комитски дреи, нагрбен со муниција и оружје, држејќи пушка в рака. На другата, фотографирана малку подоцна, во месец март, тој е со дружина револуционери-интелектуалци, седнат и облечен во одело, како вистински господин. Токму тоа се двете појави на Коста Мазнејков – од една страна учител и господин, а од друга страна комита, војвода кој броди по македонските планини во традиционална облека и со манлихерка в рака.

Една од најзначајните битки во историјата на организацијата е битката на Готен, тоа е планински предел меѓу Радовишко и Малешевијата. Оваа битка се случила на 6 април 1903 година. Тогаш здружените чети на Христо Чернопеев, Мазнејков, Коста Кондов, Никола Дечев, Питу Гули и други војводи, кои вкупно броеле над 250 души, откако навлегле во Македонија биле пресретнати од турски сили во овој планински предел. Четите успеале да се извлечат со 25 загинати, а од турските сили имало над 200 жртви.

Последната средба со неговата мајка

Откако преминал во нелегалност, Коста се сретнал со неговата мајка само еднаш. Неговите потомци раскажуваат дека тој се преправил во ќумурџија и дошол во родното маало во Струмица за да ја види мајка си. Додека се движел во маалото, се насобрал народ кој го прашувал за цената на ќумурот, меѓу нив и мајката на Коста, која не си го препознала синот. Коста на сите им кажувал висока цена која знаел дека овие претежно сиромашни мештани не ќе можат да ја прифатат. Дошло ред да ја праша и мајка си дали има ќумур, а таа рекла дека нема ни половина од потребните пари за да плати. Сепак, божемниот ќумурџија решил да ѝ даде ќумур за ниска цена и заедно тргнале кон куќата на Мазнејковци.

Откако Коста го истоварил ќумурот, а старицата му платила, таа го поканила во одајата за да го почести. Во меѓувреме, додека разговарале, Коста ја прашал зошто е сама и дали има некој, а кога таа одговорила дека ќерка ѝ е омажена, едниот син ѝ е во затвор во Солун, а другиот отишол во планина и три години ништо не знае за него, тој ѝ рекол: „Мајко, тој е жив и здрав и брзо ќе се врати!“. Кога мајката излегла од просторијата, син ѝ ги оставил парите под перница и ја напуштил куќата. Не знаејќи што се случило, мајката излегла надвор и тогаш забулената комшика ѝ кажала дека тоа бил нејзиниот син Коста и дека не треба да стравува затоа што нема да ги издаде.

Мазнејков со други војводи на здружените чети кои навлегле во источна Македонија пролетта 1903 година

Последниот куршум за себе

По битката на Готен, Мазнејков останал во Македонија, каде што веќе се подготвувало Илинденското востание. Во мај 1903 година Коста и неговата чета биле предадени од попот во радовишкото село Папавница, кој всушност бил јатак на четата. Додека комитите си ги чистеле пушките изненадно биле опколени од турски аскер и започнала жестока битка која траела цел ден. Како што било предвидено со правилниците на организацијата, милиционери од околните села биле мобилизирани да ѝ помогнат на нападнатата чета. Во битката меѓу аскерот и комитите многумина паднале убиени. Војводата Мазнејков бил тешко ранет во ногата и се засолнил. Но, откако видел дека не може да се спаси, го искористил последниот куршум, самоубивајќи се за да не падне жив во турски раце. Мазнејков се упокоил на 11 мај по стар стил односно 24 мај по нов стил. На местото каде што загинал денес се наоѓа спомен плоча.

Од четата на Мазнејков преживеале само тројца комити. За тоа што се случило со нив зборуваат спомените на духовникот и револуционер Тома Николов, кој во ова време минувал низ Радовишко, носејќи ги на Задграничното претставништво во Софија протоколите на Смилевскиот конгрес кој го потврдил решението на јануарскиот Солунски конгрес за дигање на востание. Во Дедино Тома случајно дознал каде се криеле тројцата преживеани четници на Мазнејков и убедил курири на организацијата да го одведат кај нив.

Двајца од четниците биле од Костурско, а еден од Радовишко. Нив скришум ги снабдувал со храна еден селанец, без да знае кој било друго од селото. Бидејќи не можеле да се извлечат до бугарско-турската граница, 11 дена останале во гората над Дедино. Тома ги окуражил и им се понудил да им биде војвода, та тие, бидејќи вооружени, да го придружуваат до границата. Така и се случило. Според Маргарита Кирчанова-Мазнејкова и Марија Мазнејкова, овие преживеани четници на Мазнејков го зачувале печатот на четата.

Кирил Ѓоргиев

ShareTweetShare
Previous Post

Претставата „Црна дупка“ на струмичкиот театар ќе биде изведена на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Next Post

Традицијата продолжува како што продолжува и желбата за староградската песна – Фестивал „Под кулите на Струмица 2024“

Related Posts

Филипче од Струмица: Младите луѓе во нашата земја, не заслужуваат ваква Влада
Вести

Филипче од Струмица: Младите луѓе во нашата земја, не заслужуваат ваква Влада

сабота, 31 мај, 2025 | 21:22
Одбојкарките на македонската репрезентација во Струмица славеа убедлива победа против репрезентацијата на Луксембург
Вести

Одбојкарките на македонската репрезентација во Струмица славеа убедлива победа против репрезентацијата на Луксембург

сабота, 31 мај, 2025 | 12:10
Млади гитаристи од Струмица се дел од 16-от Фестивал за гитара во Крушево
Вести

Млади гитаристи од Струмица се дел од 16-от Фестивал за гитара во Крушево

сабота, 31 мај, 2025 | 11:32
На денешен ден пред 11 години почина првенката на струмичкиот театар Зора Ѓоргиева
Вести

На денешен ден пред 11 години почина првенката на струмичкиот театар Зора Ѓоргиева

сабота, 31 мај, 2025 | 09:41
ВМРО-ДПМНЕ: Костадинов ја распадна општина Струмица
Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Костадинов ја распадна општина Струмица

петок, 30 мај, 2025 | 17:53
Во Струмица одбележан Денот на згрижувачите во Македонија
Вести

Во Струмица одбележан Денот на згрижувачите во Македонија

петок, 30 мај, 2025 | 14:47

ТОП ВЕСТИ

Се распееја прекрасни вокали од неколку градови во салата на Центарот за култура – по 15. пат „Под кулите на Струмица“
Се рушат бесправно поставени урбана опрема и објекти на јавни површи во центарот на Струмица
Првата награда на Фолк Фест „Валандово 2025“ за Сузана Гавазова и Љубчо Ѓоргиев и песната „Љубовта да расцути“

ВЕБ БИЛБОРД

Рафинеријата за масло „ОСТРОГ ЛУНА“ вработува 10 работници Рафинеријата за масло „ОСТРОГ ЛУНА“ вработува 10 работници
Се продава мал двособен стан во центарот на Струмица Се продава мал двособен стан во центарот на Струмица
Поправка на сите видови фриждери, клими и комори Поправка на сите видови фриждери, клими и комори
Се издава „Familly dessert bar“ во Струмица со целиот инвентар Се издава „Familly dessert bar“ во Струмица со целиот инвентар
Фирмата „Амбалажни сервис“ има потреба од работници Фирмата „Амбалажни сервис“ има потреба од работници
Се издава деловен простор – дуќан во самиот центар на Струмица Се издава деловен простор – дуќан во самиот центар на Струмица
Се изнајмува угостителски објект за прослави и презентации Се изнајмува угостителски објект за прослави и презентации
СЕ ПРОДАВА стара куќа во Струмица кај „монополот“ СЕ ПРОДАВА стара куќа во Струмица кај „монополот“
СЕ ПРОДАВА деловен простор во Струмица – „мало стопанство“ СЕ ПРОДАВА деловен простор во Струмица – „мало стопанство“
Во Стар Дојран СЕ ПРОДАВА вселива куќа со 2 апартмани Во Стар Дојран СЕ ПРОДАВА вселива куќа со 2 апартмани

ВЕСТИ од Македонија

Успешно завршен на проектот „Комуникациски вештини за иднината“ финансиран од програмата Еразмус+

Eпископот Стојанов ги извести сите католички парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата

Почина папата Франциск

НАЈАВА

КНИЖЕВНА ВЕЧЕР со Жарко Милениќ
Фестивалот на староградската песна и серенада „Под кулите на Струмица 2025“ во четврток во Центарот за култура
Во среда во Струмица ќе биде прикажан филмот „Невидливиот гостин“
Во среда од 20:00 часот на струмичкиот плоштад – Хуманитарен концерт
Во недела посебен режим на сообраќај во Струмица за време на трката „Сите за Кочани – Трчаме заедно“

РАДИО СТРУМИЦАНЕТ ДООЕЛ
Адреса: „Бел камен” бр. 12
2400 Струмица, Македонија
Жиро сметка: 300030000159066
Комерцијална Банка

Радио СтрумицаНет  е членка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со што целосно се залага за почитувањето на етиката и професионалните стандарди во известувањето. СЕММ е тело за саморегулација во медиумите и е орган што ги разгледува и одлучува по жалбите во однос на известувањето на медиумите.

©2009-2023. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | Контакт: 074 20 50 50, е-маил: [email protected] | Создадена од: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Вести
  • Струмица
  • Василево
  • Босилово
  • Ново Село
  • Флеш вести
  • Магазин
  • Видео

РАДИО СТРУМИЦАНЕТ ДООЕЛ ул : Бел камен бр 12 2400 Струмица
Жиро сметка : 30003000159066 Комерцијална Банка ©2009 - 2022

Welcome Back!

Login to your account below

Forgotten Password?

Retrieve your password

Please enter your username or email address to reset your password.

Log In

Add New Playlist