На 8 јули 1904 година, на железничката станица „Гевгелија“, османлиските власти го погубиле човекот кој ќе остане запишан во историјата како Ристоман Попчевски, извршувач на динамитен напад на железничката линија Скопје–Солун, еден од плејадата македонски револуционери, знајни и незнајни, кои загинале за слободата на својата татковина.
Ристоман е роден во струмичкото село Попчево во или околу 1870 година. Како и неговите соселани, се занимавал со разни занимања за да заработи за себе и семејството, но ќе остане запаметен како кираџија — пренесувач на стока чија вообичаена траса движела од градот Струмица до железничката станица „Струмица“ кај валандовското село Удово и обратно. Во ова својство Ристоман служел и како курир за Македонската револуционерна организација, пренесувајќи нелегален материјал за нејзините потреби.
Во 1904 година, по Илинденското востание, кога самата револуционерна организација била поделена околу прашањата од витално значење за неа — како да се продолжи борбата за самостојност на Македонија, струмичкиот окружен револуционерен комитет извршил напад на пругата Скопје–Солун. Пред овој напад, во април се одржал Струмички окружен конгрес. Едно од усвоените решенија предвидувал и систематски терор над железниците, кои всушност биле европски капитал и затоа биле добар начин да се изврши притисок врз претставниците на европските големи сили во Македонија да останат верни на своите ветувања и да гарантираат дека Османлиите ќе ги спроведат договорените реформи. Конгресот се приклонил кон крилото на кое му припаѓал струмичкиот окружен војвода Христо Чернопеев, кој се залагал за децентрализација на организацијата со давање поголем авторитет на самите окрузи и пониските месни комитети. На терен, железничкиот напад го организирал околискиот војвода Никола Жеков, кој подготвил темпирана експлозивна направа и го избрал Ристоман за извршувач на нападот.
На 4 јуни 1904 година, Ристоман отпатувал за Удово во својата вообичаена улога на кираџија, но овој пат во пакетот што го доставил до поштата на станицата била скриена експлозивната направа. Кога приквечер пристигнал возот од Скопје за Солун, на него бил качен пакетот што го предал Ристоман. Околу 8 часот вечерта, како што била темпирана, направата експлодирала. Нападот не ја постигнал поставената цел да се разнесе железничкиот мост над реката Вардар, со што би се прекинал сообраќајот на оваа железничка линија, предизвикувајќи поголема штета и напнатост кај властите и странските претставници.
Извршувачот на нападот, Ристоман Василев од струмичко Попчево, бил пронајден од властите и суден во Солун, каде што му била одредена смртна казна, каква што османлиските судови вообичаено и издавале за извршувачите на вакви напади. Пресудата требало да се изврши во Струмица, како показ на сограѓаните на Ристоман што се случува со непријателите на султанот, но тој бил егзекутиран во Гевгелија откако властите добиле информација дека организацијата подготвува заседа меѓу Валандово и Струмица за ослободување на својот човек. На немилиот настан на станицата во Гевгелија присуствувал и фотограф, чија фотографија била искористена од властите за да испратат порака до непријателите на султанот, па така сликата од обесениот струмичанец достигнала и до Австроунгарија. Под неа на германски јазик пишувало што направил Ристоман за да добие ваква казна.
Иако побудил одреден дипломатски интерес, сепак вака изведен и доколку Ристоман го преживееше, овој напад веројатно ќе беше споменуван во историјата само како еден од многуте вакви напади извршени од членовите на Македонската револуционерна организација. Она што го прави Ристоман бесмртен е неговата смрт, смртната пресуда на тиранската власт за човек кој покажал ретка храброст и го жртвувал својот живот за својот народ. Затоа Ристоман останал во сеќавањето на македонскиот народ од овие краишта, кој својот восхит за овој човек го раскажува во народните песни.
Македонскиот фолклорист Иван Котев од Струмица има собрано повеќе народни песни и варијации на песни за Ристоман Попчевски. Во нив, народот го опева Ристоман како „жртва за народо“, човек кој загинал „кат’ Христос на крсто“, а од прво лице навлегува и во мотивот на Ристоман, срочувајќи го во зборовите: „Јас се реших, сам изврших, за Македонија!“, подвлекувајќи дека Ристоман не ја предал организацијата, туку тврдел дека нападот го извршил сам, незадоволен од османлиската тиранија која владеела во Македонија.
Кирил Ѓоргиев