На трите јавни повици од програмите за Локален економски развој и туризам, Социјална заштита и Еднакви можности меѓу жените и мажите, аплицирале 26 граѓански организации кои работат на територијата на општина Струмица. Сите 26 проекти се одобрени од страна на комисијата и ќе добијат пари од буџетот на Општина Струмица за нивна реализација во тековната 2023 година. Станува збор за вкупна финансиска поддршка од околу 100.000 евра.
Градоначалникот Костадин Костадинов денеска одржа средба со претставници на сите Здруженијата на граѓани и Фондации кои ќе добијат буџетски пари за реализација на нивните проекти.
„Струмица секогаш ја афирмира соработката со граѓанските организации бидејќи тие се не само коректор, туку и унапредувач на сите општински процеси и политики. Токму, овој денешен настан е чекор напред кон зголемување на транспарентноста во однос на тоа каде завршуваат граѓанските финансии, оти градоначалникот не ги финансира со пари од сопствениот џеб, туку со пари од буџетот на Општина Струмица. Суштината на денешниот настан е да слушнеме директно од оние коишто добиваат финансии од општинскиот буџет за нивните цели, динамиката на реализација, за да можат и граѓаните преку медиумите да бидат запознати со процесите што ќе ги водат. Ова е афирмација на соработката со граѓанскиот сектор и нормално дека таа ќе ја зголемуваме се во интерес на граѓаните“ – кажа градоначалникот Костадинов, потенцирајќи дека сите проекти од граѓанскиот сектор се компатабилни со општинските стратешки документи и приоритети во наведените области за оваа 2023 година.