На седницата на Централниот одбор на СДСМ се избра новото раководство на партијата. Пратеничката Јована Тренчевска од Струмица и Александар Трајановски се избрани за потпретседатели на СДСМ, како предлози на Венко Филипче.
Генерален секретар останува Александар Димитријевиќ, додека организациски секретар е повторно Љупчо Фармаковски. Во раководството се враќа и Ана Чупевска, која ќе ја предводи новооформениот советодавен совет на партијата.
Во Извршниот одбор остануваат Андреј Жерновски, Агрон Демири и Симона Цветановски, додека поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, е меѓу новите членови.
Венко Филипче исто така ги предложи Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска, Петар Огњеновиќ, Андреј Бислимовски и Филип Андов-Сокол.
Со овие избори, СДСМ има комплетно обновено раководство кое ќе ги води партиските активности и иницијативи во наредниот период, соопштија од партијата.

На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
„Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“ – кажа Филипче.





























