И Партијата Левица денеска до Општинската изборна комисија при општина Струмица достави листа од 23-ца членови – кандидати за новиот состав на Советот на општина Струмица со кои ќе се претстават на Локалните избори закажани за 19 октомври.
Јасмина Пијанманова – дипломиран етнолог и магистер по културен менаџмент, вработена во НУ „Завод и Музеј“ Струмица е носител на листата за советници од Левица. Како втор кандидат е Звонко Манзаклиев, трет Никола Христоманов. Следуваат: Јулија Грчева, Горги Станковски, Драги Рашковски, Стојанка Тимовска, Александар Младеновски, Тони Филев, Мара Манева, Звонимир Захов, Виолета Марковиќ, Атанас Мелев, Костадин Кречев, Јулијана Стојановска, Васе Петров, Наско Илијев, Благица Карастоева, Гордана Гајдаџиева, Ѓурѓица Шарламанова, Коста Атанасовски, Елизабета Филева и Герас Шопов.
Носителот на листата, Јасмина Пијанманова верува дека конечно доаѓа времето кога културата ќе има свој глас и своја сила во локалната политика.
„Не само празни зборови, не само форми и проформи, туку вистински застапник за културниот развој на Струмица. Затоа што гласот на културата одекнува од почетокот на историјата до иднината која сакаме да им ја пробиеме на нашите деца. Тоа не е празно ехо на ветувањата на политичарите кои ги слушаме до денес, туку идентитет, начин на живеење, код на постоењето. Да ги покажеме и докажеме европските вредности во дело чувајќи го континуитетот на историскиот развој на градот. Да го сочуваме лицето на градот од напливот на безмилосната градежна фурија која ги брише и цивилизациските траги на градот“ – напиша Пијанманова на социјалните мрежи по доставување на кандидатската листа до ОИК.