Вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица премиерно ќе биде прикажан филмот „Утре наутро“ во режија на струмичанецот Јани Бојаџи. Проекцијата е закажана за 20:00 часот, а интересот е голем уште пред премиерата, бидејќи филмот предизвика силни реакции во јавноста поради темата што ја обработува – политичка драма инспирирана од настаните по 27 април 2017 година.
Во разговор за порталот Дрнка.мк, режисерот Бојаџи открива дека токму премиерата во неговиот роден град има посебна емоционална тежина за него.
Бојаџи вели дека со нетрпение ја очекува средбата со струмичката публика, која ја смета за своја. Според него, оваа премиера е најзначајниот момент во приказната за „Утре наутро“.
„Очекувам да се случат емоции, да се случи катарзис. Важно ми е што ова ќе го споделам пред луѓе кои ме познаваа и кога не бев Јани Бојаџи. Струмица е другата страна од мене“, изјави режисерот, додавајќи дека токму оваа проекција ја доживува како длабоко лична средба.

Бојаџи објаснува дека „Утре наутро“ жанровски е политичка драма, создадена со јасна цел: да биде гледана и разбрана од широката публика.
„Ова не е уметнички филм ниту филм правен за фестивали. Ова е филм направен да и се допадне на публиката – ако воопшто некој режисер може да знае што ѝ се допаѓа на публиката во моментот кога го гледа филмот“, вели тој.
Филмот, како што додава, говори за травмите што македонското општество ги носи од драматичните настани по 27 април 2017 година.
„За мене, 27 април е исто што и 2 август 1903. После тој ден ова веќе не е истата земја, а ние не сме истите луѓе“, потенцира Бојаџи.
Режисерот објаснува дека „Утре наутро“ не нуди директни одговори на политички или лични прашања, ниту има за цел да ја промени реалноста. Но верува дека може да предизвика внатрешна промена кај секој човек поединечно.
„Уметноста не го менува светот, но може да нè промени нас. А оној кој ќе се промени себеси – на крајот го менува и светот“, вели тој, додавајќи дека филмот е создаден за да поттикне катарзис, духовно и емоционално прочистување.

На прашањето зошто струмичани треба да ја посетат премиерата, Бојаџи одговара дека филмот носи универзална, но истовремено многу препознатлива приказна.
„Струмичани треба да дојдат и да уживаат во приказна која ќе ја препознаат како своја. Да се видат себе си, луѓето и светот околу нив“, вели режисерот.
Како порака до публиката, Бојаџи ја испраќа мислата дека „утре наутро“ – како идеја и како надеж – може да биде подобро од денес.
Извор: www.drnka.mk





























