Во пресрет на 6 мај, големиот христијански празник посветен на светецот Ѓорѓи Победоносецот, патрон на струмичко Ново Село, во ова село денеска се одржаа традиционалните Ѓурѓовденски средби, кои започнаа со поворка на играорци низ селото, а потоа на „Белев Рид“, во кругот на новоселскиот манастир посветен на Свети Ѓорѓи Победоносец и Свети Антониј Велики, настапија фолклорни групи. На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов и владиката Јаков Стобиски, викарен епископ на струмичкиот митрополит.
На овогодинешните Ѓурѓовденски средби учествуваа повеќе фолклорни друштва од Македонија и Бугарија – Фолклорен ансамбл „Бучим“ – Радовиш, Културно-уметничко друштво „Вера Јоциќ“ – Македонска Каменица, КУД „Филиграни“ – Охрид, Танцова формација „Пчелина“ од петричкото село Генерал Тодоров и домаќините КУД „Јане Сандански“ од Ново Село.