Карате клубот „Шихан“ од Струмица оствари исклучителен успех на меѓународниот карате турнир „Ippon Open 2025“, кој се одржа на 23 ноември во Лесковац, Србија. Струмичките каратисти приредија одлични настапи и доминираа на татамите, освојувајќи вкупно 42 медали.
Клубот се закити со импресивни 23 златни, 15 сребрени и 4 бронзени медали, резултати кои уште еднаш го потврдуваат континуитетот и квалитетот на работата во „Шихан“.
Покрај индивидуалните успеси, струмичкиот клуб доби и посебно признание — беше прогласен за еден од најдобрите клубови на турнирот, што претставува дополнителна потврда за посветеноста и високото ниво на подготовка на натпреварувачите.
Од клубот истакнуваат дека нивните млади каратисти повторно блескале со дисциплина, техника и борбеност, олицетворувајќи го препознатливиот „шихан дух“.
Карате клубот „Шихан“ упатува благодарност до тренерите, родителите и сите поддржувачи кои постојано стојат зад нивните успеси, најавувајќи дека продолжуваат уште помотивирано во нови предизвици.





























