Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али и претседателот на Доброволното противпожарно друштво – Струмица, Митко Димчев, потпишаа Меморандум за соработка со кој се зацврстува институционалната и теренската соработка во справувањето со кризи и елементарни непогоди.
Меморандумот предвидува заеднички активности во областа на превенцијата, раното предупредување и одговорот при пожари, поплави и други елементарни непогоди. Притоа, посебен акцент е ставен на унапредување на комуникацијата, подобра координација на институциите и вклучување на волонтери во системот на заштита и спасување.
Соработката има за цел зголемување на јавната свест за важноста на превентивните мерки, обезбедување на опрема и услови за поефикасно делување на терен, како и организирање едукативни активности и обуки за граѓаните и волонтерите со цел поголема подготвеност во справување со кризни ситуации.
Овој меморандум претставува значаен чекор кон создавање посилен и поефикасен систем на заштита, со конечна цел – зголемена безбедност на граѓаните и заштита на животната средина, информираат од ЦУК.