Центарот за дневен престој на деца со попреченост со вклучен индивидуален третман и услуга во општина Струмица може да работи, откако денеска на давателот кој ќе ја спроведува социјалната услуга, Здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – Едупрактика му беше доделена дозволата од министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска која го посети Центарот сместен во зградата на поранешното училиште „Јахја Кемал“ во Струмица.
Обезбеден е бесплатен дневен престој за 24 деца со попреченост и бесплатна услуга индивидуален третман од специјален едукатор и рехабилитатор и логопед за уште 20 деца на возраст од 3 до 14 години. Активностите во дневниот престој и индивидуалните третмани ќе ги спроведуваат тим од 10 вработени составен од стручен персонал и негуватели.
„Навистина се охрабрувачки пораките од родителите на децата со попреченост кои ги посетуваат центрите и значаен е напредокот кој го забележуваат кај нивните деца. Посветеноста на стручниот персонал, обезбедувањето на индивидуален третман согласно потребите на дечињата им овозможува полесно вклучување во образовниот процес. Нашата заложба како Влада и како Министерство е овозможување на услови и можности за децата со попреченост, со што ќе им помогнеме на родителите, на децата и на заедницата. За мене, секој новоотворен центар за дневен престој на лица со попреченост претставува чекор кон остварување на таа заложба“, кажа министерката Тренчевска.
Комплетното уредување и адаптирање на просторот и ставањето во функција пред петнаесеттина дена го најави градоначалникот Костадин Костадинов, се чекаше официјално само на дозволата и да почне да работи овој Центар како проект во кој Општина Струмица учествува со вкупно 5,6 милиони денари и со отстапување на просторот од 300 м².
Центарот е отворен според потребите на граѓаните и нуди дополнителна услуга за децата кои тука ќе можат да престојуваат пред или по наставата и ќе добиваат повеќе видови терапија. Престојот на децата е целосно бесплатен, односно по завршувањето на проектот финансирањето на Центарот ќе биде обезбедено од Министерството за труд и социјална политика и Општина Струмица.