Синоќа во рамките на „Strumica Classic International Festival 2024“, во Градската Уметничка галерија во Струмица се одржа Концерт на „Дуо гитари“ од Бугарија составено од Цветелина Брешкова и Божидара Трохарова. Тие исполнија дела од светски познати композитори како што се Бах, Гранадос, Тедеско…
Цветелина Брешкова завршила средно образование, класична гитара, во НМУ „Љубомир Пипков“, во класата на д-р Столина Добрева. Студира и дипломира на националната академија за музика „Проф. Панчо Владигеров“, инструментален факултет, насока класична гитара. Магистрира на НБУ, насока инструментална педагогија, со стручна квалификација – инструментален педагог – класична гитара, во класата на д-р Столина Добрева. Од 2008 година е наставник по класична гитара и камерна музика.
Божидара Трохарова е родена во 1997 година во градот Силистра. Студиите по гитара ги започнала кај Христо Христов, а потоа студирал кај Валентин Бузов. Подоцна дипломирала и магистрирала на националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“, насока класична гитара, во класата на доц. Росен Балкански. Настапува на разни концерти и фестивали во Бугарија.
„Strumica Classic International Festival 2024“ продолжува утре, петок со уште едно дуо, овој пат на пијано со Тања Божиновска и Билјана Димовска од Македонија. Тие ќе одржат свој концерт во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од 20:00 часот.