По обилните и чести врнежи од дожд во изминатите денови во Струмица, во горниот дел на поројот „Крушевска Република“, пред влезот на новоизградениот дел од покриениот порој, надојде поголема количина отпад. Екипа на ЈПКД „Комуналец“ вечерва излезе на терен и го отстранува отпадот од водата пред влезната решетка.

Иако на локацијата е поставена специјална решетка за собирање отпад, дел од несовесните граѓани го фрлаат својот отпад покрај и директно во коритото. Поради големата количина дотурен отпад, решетката на канализациониот систем беше затната, што предизвика потреба од итна интервенција.

Од „Комуналец“ апелираат граѓаните да се воздржат од фрлање отпад во поројот и околниот простор, со цел да се спречат затнувања и потенцијални штети при обилни врнежи.




























