Предводени од коњаницата од Радово, голем број граѓани како во низа од центарот на селото Иловица на празникот на Светите 40 Севасастиски маченици, се упатија на сртот меѓу Дрвош и Иловица во општина Босилово на локацијата со големите камења Бенли Таш, кај народот познато како „каменот на плодноста“.
Според верувањето, секој оној што ќе успее да помине низ тесниот отвор на камењата, ќе го следат здравје, среќа и бериќет. Во минатото, кај народот постоело верување дека каменот Бенли Таш има магична моќ и може да им помогне и на семејствата што немаат пород, па затоа бил наречен „каменот на плодноста“. Со текот на времето, овие верувања биле напуштени, останала да живее само легендата.
Културно-уметничкото друштво „Кирил и Методиј“ со поддршка на Општина Босилово го организираше овој настан, сакајќи да се потсети на старите обичаи, да ги запознаат младите со традицијата, но и да го промовираат и поттикнат развојот на руралниот туризам.
Беше изведена богата културно-уметничка програма со традиционални македонски песни и ора и презентација на македонската кујна со специјалитети карактеристични за подогражденските села.
„Културата, традицијата, обичаите – душата на македонскиот народ, треба да ја чуваме и негуваме. Прекрасен, традиционален настан, одржан на „Каменот на плодноста“ – Иловица. Честитки за КУД „Кирил и Методиј“ – Иловица и Коњаницата од Радово“, објави градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев.