Синоќа во хотелот „Цар Самуил“ во Банско се одржа традиционалниот завршен настан на Фондацијата „Елеуса“ од Струмица, кој и годинава ја собра заедницата на поддржувачи, соработници и волонтери што стојат зад хуманитарната мисија на оваа организација.

Фондацијата преку десетминутна видео-презентација ги претстави најзначајните активности, кампањи и проекти реализирани во текот на 2025 година – година исполнета со бројни хуманитарни акции насочени кон најранливите категории граѓани. Според презентираните податоци, во текот на годината биле поделени 14.000 топли оброци, испратени 850 хуманитарни пакети, опремени домови на загорезени семејства, организирани пет „концерти на добрината“, а преку донации од хумани граѓани била дарувана коса за пациенти со рак.

Специјални гости на завршната вечер беа браќата Миле и Ѓорги Барбаровски, кои со својата поезија и музика внесеа особена топлина во настанот. Преку нивниот настап, Фондацијата „Елеуса“ упати искрена благодарност до сите што во текот на годината придонеле да се помогне таму каде што помошта е најпотребна.

„Завршниот настан е момент во кој од наше име, но и од името на браќата и сестрите на кои сте им помогнале, ви велиме БЛАГОДАРАМ. Вечерашната благодарност беше испишана во секој збор и секој тон на нашите почесни гости, браќата Барбаровски. Фондацијата „Елеуса“ низ своето постоење промовира љубов, човечност и заедништво. Синоќа се потсетивме дека секое добро дело остава трага, а вашата поддршка ја прави таа трага уште посветла. Вие сте светлината која недостасува!“, стои во благодарноста од фондацијата.

Во забавниот дел од вечерта настапија познатиот македонски бенд „Маестро“ и Трио „Џентлменс“ кои се погрижија за прекрасна музичка атмосфера и пријатно расположение на гостите.






























