На денешен ден 13 февруари 1923 година во Струмица официјално започна да функционира Фудбалскиот клуб „Тиверија“, најпрво како Спортско друштво.
„Тиверија“ со активности започнува две години порано, односно во 1921 година, но тогашните српски власти ја попречувале и отежнувале работата со оглед на тоа што иницијаторите за формирање на клубот биле членови на тогашното работничко движење, па така клубот официјално е регистриран на 13-ти февруари 1923 година.
Основачи на „Тиверија“
Како основачи на „Тиверија“ се споменуваат: Љамо Џатев, Благој Карабакочев-Барбата, Ристо Заев-Зајакот, Мито Маџиров, Ристо Вртев-Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорги Тангачев. За секретар на клубот бил избран Борис Нецев.
Интересно е што на своето прво гостување во Солун во 1924 година фудбалерите патувале со запрежни коли.
Името на клубот низ годините останало исто и никогаш не се менувало. Потекнува од старото име на градот Струмица, кој во римскиот период се среќава под името Тивериопол. Во средниот век градот имал две имиња. Едното било Тивериопол кое се употребувало во византиската администрација и во христијанската црковна традиција, а второто било денешното име Струмица кое го употребувале Словените.
Првите натпревари
Во првите неколку години од формирањето, фудбалерите на „Тиверија“ играле натпревари со месниот соперник „Беласица“, со „Кожуф“ од Гевгелија формиран 1923 година, „Брегалница“ од Штип формирана 1921 година, а подоцна и со новоформираните клубови „Брегалница“ од Делчево, „Овче Поле“ од Свети Николе, „Слога“ од Виница, „Плачковица“ од Радовиш, „Малеш“ од Берово и други.
Сепак највозбудливи и најинтересни натпревари биле оние со „Беласица“ на кои секогаш присуствувале и по неколку илјади гледачи, независно дали биле првенствени или пријателски.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ГОЛЕМИОТ ЈУБИЛЕЈ – 100 години ФК „Тиверија“
По повод 100-годишнината од формирањето (регистрирање) на Спортското друштво „Тиверија“, Управниот одбор на клубот донесе одлука да се формира Организационен одбор за прослава на 100-годишнината на клубот.
Централната прослава се планира да се одржи кон крајот на месец мај со целодневна програма и одигрување на ревијален натпревар на ветераните на ФК „Тиверија“.