На централниот митинг во Струмица кој се одржа синоќа, меѓу останатите говореше и носителот на листа во ИЕ 4, д-р Венко Филипче, кој во присуство на граѓаните и симпатизерите порача дека постои подмолна скриена коалиција помеѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ која сега, како што рече, излезе на виделина.
„Сега веќе се е јасно како ден. Сега веќе е јасно дека ЗНАМ е само сателит на ВМРО-ДПМНЕ кој имал за цел да ја разедини СДСМ, а потоа да си оди во коалиција за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е проект за заслабување на СДСМ, проект кој ќе биде искористен еднократно, а потоа фрлен на буниште. ВМРО-ДПМНЕ ќе го уништи ЗНАМ во најкус рок, откако тој политички ќе му послужи. На ова нè научи историјата, а историјата секогаш се повторува“, рече Филипче за давањето поддршка на другиот табор кој се претставува како социјалдемократски.
Тој исто така рече дека е свесен за слабостите во работењето на владата во изминатите години, но потенцираше дека СДСМ никогаш не се откажа од основните постулати на социјалдемократијата, мирот, слободата, еднаквоста и грижата за секој.
Затоа, Филипче во Струмица повика на единство во партијата и мобилизација за поддршката за СДСМ, која како што рече, нема да ги изневери граѓаните, бидејќи изборите не се за победа туку за обезбедување на иднината што сите ја заслужуваат.
„Ова е суштинската разлика помеѓу она што го нудиме ние и она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ. Ние играме со отворени карти. Вие знаете каде сме, каде одиме и што сакаме да постигнеме. Нема скриени агенди, нема завиени и лажни одговори. ВМРО-ДПМНЕ игра со скриени карти“, потенцираше Филипче.