Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Босилово доби Сензорна соба опремена со рехабилитациско-рекреациска опрема, дидактички материјали и сензорни елементи. Собата е наменета за учениците со попреченост и ќе биде од голема помош на наставниот кадар. Градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев најавува и вработување на стручен кадар, дефектолог и логопед.
„Децата со ограничени можности мора да бидат дел од инклузивниот образовен процес. Со сензорната соба помагаме на децата со ограничени можности полесно да ги совладаат образовните програми, да ги развиваат и да ги користат своите потенцијали. Општина Босилово е единствена рурална општина со сензорна соба во училиштата. Оваа е мал, но голем чекор за нас. Во наредниот период ќе изнајдеме напори да вработиме стручен кадар (дефектолог, логопед) на сметка на превработеноста во други сегменти“, вели градоначалникот Манчев.
Тој вели дека училиштата во општина Босилово се соочуваат со тешки, наследени финансиски проблеми и оваа цел немаше да се реализирала без поддржувачите и помагателите Тони Ѓоргиев, Коста Тимов и фамилијата Колеви, упатувајќи благодарност до нив.