Утрово во Црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица беше отслужена света архијерејска Литургија по повод патрониот празник на градот, на која началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан.
На Архиепископот му сослужуваа Високопреосвештените митрополити Струмички г. Наум и Брегалнички г. Иларион, Епископот Шабачки г. Јеротеј од Српската Православна Црква, Епископот Стобиски г. Јаков, како и бројно монаштво и свештенство.
Во своето архипастирско обраќање кон верниците, г.г. Стефан истакна дека примерот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици претставува повик за пожртвуван живот исполнет со љубов кон Бога и кон ближните.
„Нивната ревност за Бога, нивната љубов кон ближните и нивното мачеништво за верата се повик за сите нас да живееме со истата пожртвуваност и со истата љубов. Нашето богољубие да го покажеме преку послушание, молитва и исполнување на заповедите на светата Црква, а нашето човекољубие преку искрена помош и утеха на оние кои имаат потреба“, порача Архиепископот.
Тој нагласи дека љубовта, милоста и послушанието кон Бога му даваат смисла и светлина на човечкото постоење, повикувајќи ги верниците да ги отворат своите срца и раце за служење.
„Тогаш ќе станеме чеда Божји и вистински наследници на вечниот живот. Животот е највреден кога се живее со љубов, со милост и со послушание на Бога“, истакна г.г. Стефан.
Архиепископот упати честитки до градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, до сите жители на градот, до кумовите на годинашното одбележување – брачниот пар Јорданчо и Стевица Јаневи со нивните деца, како и до сите кои го празнуваат споменот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
На светата архијерејска Литургија, заедно со голем број верници од Струмица и регионот, присуствуваа и градоначалникот Петар Јанков, претседателот на Советот на општина Струмица, Никола Маџунков со дел од советниците, пратеници во македонското Собрание, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Оливера Трајковска, градоначалници од струмичкиот регион и директори на институции. /Р.Ѓ./





























